Во просториитена пазарниот инспекторат денес се одржа брифинг од информативен карактер, со претставници од медиумите. Целта на брифингот е информирање за:
- надлежностите на ДПИ,
- нашиот актуелен фокус на работа, како и за
- идни планови и активности на ДПИ
Стопанството бара еднакви и предвидливи услови за работа. Правна сигурност и почитување на законите. Граѓаните исто така бараат заштита на нивните потрошувачки права и квалитет на испорачани услуги и производи. Како држава сме обврзани да ги гарантираме овие права и очекувања односно да воспоставиме еднакви / рамноправни услови за сите економски оператори и квалитетни услуги за граѓаните. Но сите треба да знаеме дека имаме и права и обврски.
Државниот пазарен инспекторат врши инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти од страна на трговските друштва, други правни и физички лица како и граѓаните , а кои најчесто се однесуваат на:
- безбедноста на производите,
- заштита на потрошувачите,
- дејности од областа на трговијата,
- угостителството,
- туризмот,
- занаетчиството,
- заштита на правата од индустриска соспственост како и
- други работи определени со закон.
Сакаме граѓаните да бидат точно информирани за што сме овластени да постапуваме, за да не доаѓа до забуни и недоразбирања. Ова би го постигнале преку информирање од наша страна, но пред се` со вашата поддршка. Она што е важно и сакам да го имате предвид, е дека мој приорит е да воспоставиме систем и ние како институција секогаш да сме транспаренти и достапни и ќе бидеме отворени да одговараме на поставените прашања.
Приоритетите за работа на институцијата Државен пазарен инспекторат се утврдени со законите, стратешкиот и годишните планови за работа. Основна стратешка цел на паззарниот инспекторат е да овозможи еднакви услови за работа на сите економски оператори на пазарот во Република Северна Македонија што подразбира елиминирање на сивата економија и нелојалната конкуренција преку унапредување на работата, зголемена ефикасност, заштита на права на граѓани и економски оператори и секако воспоставување на систем на ефикасна институција за која нема многу да се зборува но ќе функционира и резултатите од работата ќе ги чувствуават сите засегнати страни. Дополнително, приоритет ќе биде и едуцирањето на економските оператори преку организирање на обуки, семинари, работилници, изработка на флаери, брошури, мултимедијални материјали кои ќе бидат поставени на корисничките сметки на социјалните медиуми на пазарниот инспекторат но и на веб страната, а паралелно ќе се издејствува и едукација на потрошувачите за полесно остварување на нивните права.
Во наредниот период како институција ќе работиме на постојано и правилно применување на законите од страна на економските оператори, зборуваме за закони кои се во надлежност на пазарниот инспекторат, со што би се создало позитивно економско окружување за да се обезбеди економски раст и повисок животен стандард, пазар со безбедни производи, заштитени права на потрошувачите, едукација на економски оператори, потрошувачите, и државните пазари инспектори, и зголемена финансиска дисциплина кај економските опратори.
Исто така, преку свои претставници, пазарниот инспекторат учествува во процесот за поддршка во ЕУ интеграцијата и преговорите за пристапување во делот на инспекторатот, во 4 поглавја, поглавје 1 – Слободно движење на пазарот, Поглавје 6 – Право на трговски друштва, Поглавје 7- Право на интелектуална сопственост, Поглавје 28 – Заштита на потрошувачи и јавно здравје.
Целта на нашето работење е борбата против криминал и корупцијата, доследно имплементирање на законската регулатива, раззвој на ефикасна и современа пазарна инспекција со цел подигнување на етичкиот пристап на инспекторите и некорумпираноста, организирано и ефективно вршење на инспекцискиот надзори, отстранување на сите небезбедни производи од пазарот во Република Северна Македонија.
Според анализите на пазарниот инспекторат и информациите кои ги добивам со редовна комуникација со нашите колеги (или друг извор на информации) она што во моментов ги засега граѓаните, а и според пријавите кои ни пристигнуваат, е загриженоста поради зголемување на цените. Она што е во надлежност на ДПИ, а се однесува на цените на производите, е:
- да постапува согласно Одлуката на Владата која се однесува на ограничување на маржата на одредени производи од 5 – 10% кај трговците на големо и мало,
- но нема да влијаеме врз формирањето на цени на пазарот, ниту пак да одредуваме кој производ според која цена треба да се продава, цените се формираат на слободниот пазар
- согласно Закон за заштита на потрошувачи, економските оператори мора соодветно да ги информираат потрошувачите на пр. Често поставувани прашања и поплаки доаѓаат поради разлика на изложената цена и цената на каса
Имаме и доста пријави за измами при онлајн продажба. Главен проблем се нерегистрирани трговци. За да може пазарниот инспекторат да постапи неопходно е да постои фискална сметка или фактура. Потврди од доставувачи на производи при онлајн продажба не претставуваат доказ. Зголемениот обем на онлајн продажба претставува и нов предизвик и веројатно ќе треба да направиме анализа на потребите за допрецизирање на регулативата и одредено реорганизирање на работата на пазарниот инспекторат.
Она што сакаме да преземеме како постојани и идни активности е континуирано информирање на граѓаните со нашата работа и надлежностите на ДПИ. Информирани граѓани, потрошувачи и економски оператори се најдобрите заштитници на законитоста.
Наша прва цел е да изградиме партнерски однос со корисниците на нашите услуги и работа. Да бидеме достапни, да воспоставиме систем на комуникација и координација, и сите добиени информации да ги класифицираме и да ги забележиме.
Работиме на воспоставување на функционални комуникациски канали, прво функционална мобилна телефонска линија, преку која граѓаните ќе може полесно да се информираат и да пријавуваат нерегуларности. Понатаму воспоставување и интернет мобилна апликација за пазарниот инспекторат која ќе биде поврзана со нашата веб страна и уште повеќе ќе го олесни начинот на пријавување и пристап на информации до граѓаните. Во меѓувреме нашата веб страна редовно се пополнува (ажурира) со нови информации, соопштенија, актуелни случувања, извештаи на пазарниот инспеторат и слично.