Согласно препораките од Комисијата за заразни болести за заштита на здравјето на населението од Ковид 19, од Владата на Република Северна Македонија беше донесена Одлука со која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, за настан од секаков вид, како и за организација, работа и присуство на секаков вид настан на отворен простор и за влез во затворениот дел од моловите, задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
- сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
- сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Во врска со горенаведената Одлука, во текот на изминатиот викенд, односно од периодот 20.08.2021 до 22.08.2021 година, од страна на Државниот пазарен инспекторат извршени се вкупно 2118 инспекциски контроли и 55 записници на територијата на Република Северна Македонија.
Државните пазарни инспектори утврдија неправилности кај 3 субјекти, со што следеше нивно затварање.
И во наредниот период, контролите и надзорите од Државниот пазарен инспекторат ќе продолжат со засилено темпо на работа во интерес на јавното здравје, а заради превенирање и заштита на населението од ширење на корона вирусот.