Државниот пазарен инспекторат во периодот од 27.02 до 05.03.2023 година има извршено над 760 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија.
Во наведениот период од страна на Државниот пазарен инспекторат издадени се над 65 прекршочни платни налози со вредност над 3 милиони денари.
Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари и Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
Во горенаведениот период на територија на Република Северна Македонија се извршени над 300 инспекциски надзори по Одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 960.000 денари.
Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по Одлуките на Владата. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на овие Одлуки.
Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа.
Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет.