Врз основа на Одлуките на Владата за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата, пазарниот инспекторат од 16 до 18 март 2023 година изврши над 350 надзори на цела територија на Македонија. Од надзорите е констатирано дека одлуките се почитуваат, освен кај шест економски субјекти, за кои се изречени прекршочни платни налози во вредност од над 1.275.000 денари.
Пазарниот инспекторат и понатаму е на терен и ќе постапува по сите Одлуки на Владата, дополнително, покрај останатите свои надлежности.
Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од економските оператори дејствува спротивно од Одлуките е предвиден во Законот за трговија. Во случај да се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
Напоменуваме дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.
Апелираме да се почитуваат Одлуките, а исто така ги повикуваме граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат. Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа се донесени овие Одлуки, за да се помогне во време на економска криза која сеуште постои и да се спречи личното профитерство и злоупотреба.Исто така, ги повикувам граѓаните, доколку забележат било какви нерегуларности, да пријават во Државниот пазарен инспекторат, а ние ќе постапиме во рамки на нашите надлежности.















