Денес заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, се одржа состанок со претставници од големите трговски ланци на маркети. На состанокот се разговараше за изнаоѓање заеднички решенија, кои ќе бидат прифатливи и за трговците, но и за потрошувачите. Заеднички е констатирано дека цените се енормно зголемени, и има разбирање и согласност од сите засегнати страни за намалувањето на цените.
„Искрено верувам, дека трговците ќе ги намалат цените на основните прехрамбени производи и пред донесување на Одлуката. Но, откако Одлуката ќе биде усвоена од страна на Владата, секој оној кој нема да ја почитува, ќе биде санкциониран во согласност со законските одредби. Работиме во интерес на граѓаните и за сите нас, а компромис нема да има кога е во прашање животниот стандард!“ - потенцираше Горан Трјковски, директор на Државен пазарен инспекторат.















