Проектот „Зајакнување на внатрешен пазар“ е финансиран од Европската Унија, со цел да ги зајакне капацитетите на Владата на Северна Македонија за натамошно усогласување со правото на Европската Унија во оваа област и зајакнување на надзорот на пазарот за заштита на правата на потрошувачите. Понатаму, земјата ќе биде поддржана во воспоставување подобра регулатива за функционирање на компаниите.
Во рамки на овој проект кој се спроведува во Министерството за економија и чија четврта компонента е поврзана со работата на Државниот пазарен инспекторат, беше организирана дводневна работилница на тема: Договори на далечина и договори вон деловните простории на трговецот, како и електронска трговија.
Главната цел на оваа работилница е да се пренесе добро искуство и пракса базирана на ризик и компетентност за оценување од земјите на ЕУ. Оваа обука за надзор базиран на ризик вклучува развој, примена, управување со ризик, проценка на ризикот, барања за надзор базирани на ризик и препораки за тоа како да се избегнат чести грешки во процесот на проценка на ризикот.
На работилницата беа презентирани материјали поврзани со Поглавје 4 од новиот Закон за заштита на потрошувачи и тоа за продажба преку интернет и продажба вон деловните простории на трговецот во ЕУ, овластувања на инспекторите да вршат надзор на пазарот во рамките на надлежностите на овој закон во врска со продажба на далечина и продажба вон деловните простории на трговецот, значење на конкретни термини кои се користат во Законот, кои се правата на потрошувачите и одговорности на трговецот и мерки кои треба да се споредат од страна на инспекторите. На симулативен начин беше составен записник од извршен надзор, а учесниците – инспектори од сите одделенија на ДПИ, добија студии на случај преку решавање практични примери.
Работилницата ја водеше Андрејка Грлиќ, која е експерт во оваа област, и ќе изготви Упатство за работа поврзано со поглавје 4 од новиот закон за заштита на потрошувачи кое ќе им помогне на инспекторите за тоа како треба да постапуваат кога вршат надзор поврзан со ова поглавје.