На ден 21.11.2024 година, во Државниот пазарен инспекторат, Директорот на Инспекторатот Г-дин Влатко Стојкоски оствари работна средба со Г-ѓа Андрејка Грлич, експерт за надзор на пазарот од Република Словенија. Таа е правник со повеќе од 30 години професионално искуство. Работела во Словенечкиот пазарен инспекторат повеќе од 24 години, од кои речиси 15 години како главен Пазарен инспектор. На состанокот беше разговарано за моменталната состојба на Инспекторатот и за тоа како да се подобри капацитетот за контрола на безбедноста на производите на националниот пазар, пазарните инспектори да развијат вештини за спроведување на надзор на пазарот за е-трговија, и пазарот за стоки и услуги, подобрување на внатрешната оперативна ефикасност на пазарниот инспекторат со користење на дигитализиран систем за управување со документи, како и подобрување на капацитетот за ефективен и ефикасен надзор на пазарот и заштита на потрошувачите.
На состанокот присуствуваа и преставници од подрачните одделенија на ДПИ, со цел да се запознаат со предложените измени и дополнувања на Законот за заштита на потрошувачите од перспектива на неговата практична примена на терен од страна на Инспекторите. Предложените измени беа презентирани од експертот Г-ѓа Андрејка Грлич.
Целта на оваа активност која се спроведува во рамки на проектот “Зајакнување на внатрешниот пазар” финансиран од страна на ЕУ,има за цел да го зајакне капацитетите на пазарниот инспекторат за понатамошно усогласување со правото на Европската Унија во областа на слободното движење на стоки и услуги како и надзорот на пазарот за заштита на правата на потрошувачите, а со тоа ќе биде воспоставена и подобра регулатива за функционирање на компаниите.