Државниот пазарен инспекторат и Бирото за метрологија склучија договор за соработка под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Договорот се однесува за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течните горива, а има за цел да обезбеди поголема сигурност за потрошувачите, што значи дека контролите на терен од страна на Инспекторатот ќе бидат заострени и со голем интензитет.
Предвидено е да се зголеми обемот на инспекциските контроли кои се однесуваат на анализа на течните горива, а пазарните инспектори ќе ја користат лабораторијата за мострирање и тестирање врз основа на претходно утврдени годишни планови, но и за вонредни надзори.
„Според планот за 2025 година, кој е составен дел од договорот, ќе се извршат дури 220 анализи на квалитетот на горивата, со што се поставуваат повисоки стандарди за усогласеност со македонските регулативи и стандарди.“ - потенцираше директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
Лабораторијата за тестирање на Бирото за метрологија ќе им биде достапна на инспекторите со што ќе се овозможи детално и брзо тестирање на терен и ќе го гарантира квалитетот на горивата, но и безбедноста на граѓаните.