За време на претстојниот викенд, Државниот пазараен инспекторат ќе врши редовни и вонредни надзори низ цела територија на Македонија кај трговци и угостители врз основа на повеќе закони во рамки на своите надлежности.
При надзорите ќе се даде посебно внимание на „Black Friday“ – продажните акции, се со цел спречување на доведување во заблуда на потрошувачите и примена на измамнички трговски дејства, во согласност со Законот за заштита на потрошувачите.
Дополнително, имајќи го предвид зимскиот период, но и поплаките од граѓаните кои пристигнуваат во континуитет во пазарниот инспекторат за пушење во угостителските објекти, ќе се вршат надзори и по Законот за заштита од пушењето.
Пазарниот инспекторат при надзорите ќе опфати поширок обем на закони за постапување, како што се Законот за заштита на потрошувачите, Законот за трговија, Законот за заштита од пушењето, Законот за угостителска дејност, Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, Закон за инспекциски надзор, Закон за државен пазарен инспекторат итн.
Апелираме до сите трговци и угостители, да ги почитуваат законите, а своите дејности и услуги да ги вршат во согласност со законските прописи.
Исто така, ги охрабруваме граѓаните, секоја неправилност која ќе ја забележат да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk

На ден 21.11.2024 година, во Државниот пазарен инспекторат, Директорот на Инспекторатот Г-дин Влатко Стојкоски оствари работна средба со Г-ѓа Андрејка Грлич, експерт за надзор на пазарот од Република Словенија. Таа е правник со повеќе од 30 години професионално искуство. Работела во Словенечкиот пазарен инспекторат повеќе од 24 години, од кои речиси 15 години како главен Пазарен инспектор. На состанокот беше разговарано за моменталната состојба на Инспекторатот и за тоа како да се подобри капацитетот за контрола на безбедноста на производите на националниот пазар, пазарните инспектори да развијат вештини за спроведување на надзор на пазарот за е-трговија, и пазарот за стоки и услуги, подобрување на внатрешната оперативна ефикасност на пазарниот инспекторат со користење на дигитализиран систем за управување со документи, како и подобрување на капацитетот за ефективен и ефикасен надзор на пазарот и заштита на потрошувачите.
На состанокот присуствуваа и преставници од подрачните одделенија на ДПИ, со цел да се запознаат со предложените измени и дополнувања на Законот за заштита на потрошувачите од перспектива на неговата практична примена на терен од страна на Инспекторите. Предложените измени беа презентирани од експертот Г-ѓа Андрејка Грлич.
Целта на оваа активност која се спроведува во рамки на проектот “Зајакнување на внатрешниот пазар” финансиран од страна на ЕУ,има за цел да го зајакне капацитетите на пазарниот инспекторат за понатамошно усогласување со правото на Европската Унија во областа на слободното движење на стоки и услуги како и надзорот на пазарот за заштита на правата на потрошувачите, а со тоа ќе биде воспоставена и подобра регулатива за функционирање на компаниите.



Почитувани потрошувачи, кога купувате преку интернет направете добар потрошувачки избор, истражете ги интернет продавниците и прочитајте го искуството од другите потрошувачи на таа веб страна. Информирајте се која фирма раководи со таа веб страница, нејзиното седиште и контакт, со цел да видите кому да се обратите во случај да настане проблем. Пред да нарачате, информирајте се дали може да го вратите производот или да направите замена, која е цената на производот, дали тоа е вкупната цена со вклучени трошоци и сл. БИДЕТЕ ОСОБЕНО ВНИМАТЕЛНИ ПРИ ВНЕСУВАЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ ОД ВАШАТА КРЕДИТНА/ДЕБИТНА КАРТИЧКА за да не дојде до злоупотреба. Информирајте се за правата од гарантниот лист, односно доколку производот појави недостаток во гарантниот рок, каде истиот може да биде однесен за бесплатно да биде сервисиран.
Доколку имате проблем при купување преку интернет односно со користење на средства за далечинска комуникација, пријавете во ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ на 191 или на www.dpi.gov.mk
Сообразноста е различен поим од гаранцијата и не е поврзан со правата од гарантниот лист, туку со правата што секој потрошувач ги стекнува врз основа на закон.
Производот кој се пласира на пазарот на Република Северна Македонија мора да ги задоволува барањата за сообразност, барањата за документи и знаци за сообразност и техничките барања, суштествените здравствени и безбедносни барања, барањата за постапките за сообразност, барањата за техничката документација и документите за сообразност, знаците и означувањето на сообразен производ, согласно со одредбите од применливите технички прописи кои се однесуваат на тој производ.
Економскиот оператор кој го пласира производот на пазар или кој овозможува негова достапност на пазарот е одговорен за сообразноста на производот и за точноста и веродостојноста на податоците за своите производи и мора да ја гарантира согласноста на овие податоци со пропишаните барања за конкретниот производ.
Документи и знаци за сообразност се декларацијата и сертификатот за сообразност.
Со законот за општата безбедност на производите се опфатени производите кои се пласираат на пазарот, критериумите за оценување на сообразноста на производите со општите барања за безбедност, обврските на производителот и на дистрибутерот, условите за информирање и размена на информации во врска со ризиците што од производот произлегуваат за здравјето и безбедноста на потрошувачите и на другите корисници, како и вршењето надзор. Целта на овој закон е да се осигура дека производите коишто се пласираат на пазарот се безбедни.
Одредбите од Законот за општа безбедност на производите се применуваат на сите производи, освен за производи за кои со посебни прописи се утврдени барањата за нивна безбедност и на ризиците коишто производот може да ги претставува.
Aко со посебен пропис со кој што се утврдуваат барањата за безбедност на производи, не се уредуваат прашања коишто се однесуваат за обврските на производителот и дистрибутерот, за обврската за информирање и размена на информации во однос на производот, како и прашања поврзани со надзорот, се применуваат одредбите од Законот за општа безбедност на производите.
На територија на цела Република Северна Македонија извршени се над 500 вонредни инспекциски надзори врз основа на Одлуката на Влада за посебни услови на трговија на одделни стоки (Службен весник на РСМ бр. 196/24) која се однесува на маржа од 10% кај производите наведени во Одлуката и за трговците на мало и за трговците на големо.
Цените на основните прехранбени производи, односно на производите опфатени со Одлуката, се намалени кај повеќето трговци, но затекнати се трговци кои во моментот на надзорот вршеле нивелација на цените, но одредени трговци не ги намалиле цените и не ставиле ознаки пропишани во Одлуката. Дел од правните субјекти се задолжени со доставување на дополнителна документација до пазарниот инспекторат врз основа на која би се утврдила фактичката состојба во целост и затворање на постапката.
Издадени се 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,300,000 денари.
Казнети се големи и средни трговци односно маркети во Скопје (Aрaчиново и Чаир), Битола, Струмица, Валандово, Охрид, Куманово, Гостивар, Струга...
Надзорите се спроведувани со ротирање на тимови од различни одделенија во сите градови во Северна Македонија.
Во согласност со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки (Сл. Весник на РСМ бр. 196/24) извршени се над 60 надзори на цела територија на Република Северна Македонија. Издадени се 8 прекршочни платни налози во висина од над 1.196.000 денари, а кај останатите субјекти постапките се во тек.
Денес се контролираат бурекџилниците, помалите маркети и останати трговци на мало. Излезени се 47 тимови на терен, односно 135 инспектори на ниво на цела Република Северна Македонија.
Напоменавме и во текот на вчерашниот ден, дека толеранција нема да има и трговците имаат обврска да ја почитуваат Одлуката.
Со почит,
Државен пазарен инспекторат
„По донесување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед (Службен весник на РСМ, бр. 196 од 23.09.2024 година) пазарниот инспекторат е задолжен да ги контролира трговците на мало и трговците на големо дали ја почитуваат Одлуката. Трговците имаа доволно време да ги прилагодат цените. Пазарниот инспекторат е на терен низ цела територија на Македонија со повеќе од 40 тимови односно повеќе од 120 инспектори ротирани во различни градови.
Како што сум напоменувал претходно така и сега, напоменувам дека толеранција нема да има. Пазарниот инспекторат постапува по Законот за трговија, каде казните се високи и изнесуваат од 2000 до 10000 евра, а онаму каде што ќе се применуваат нечесни трговски практики ќе се постапува по Законот за заштита на потрошувачите каде ќе има можност и за затворање на објекти.
Одлуката се базира на бруто профитна маржа од 10%, тоа значи, доколку трговецот на мало претходно заработувал 6% маржа од производот, сега нема обврска да ја намали цената, затоа е што во рамки на предвидената маржа од 10%, што е во согласност со Одлуката. Заради тоа некои цени на производите опфатени со Одлуката се исти и не се намалени.
Производите кои се опфатени со Одлуката, мора да бидат јасно обележани и да ја содржат пропишаната ознака „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ за да можат граѓаните да знаат за кои производи станува збор.
Исто така со Одлуката се опфатени и пекарите во согласност со член 3 од Законот за трговија.
Имам нулта толеранција за притисоци и ќе се постапува исклучително според Одлуката и законот ќе важи исто за сите.
Апелирам до трговците да ја почитуваат Одлуката и да не пробуваат на било каков начин да ја заобиколуваат.“ – изјави Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

Од донесување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки (Сл. Весник бр. 183/24) односно за училишен прибор, извршени се над 150 надзори кои се во тек заради обемната документација и анализа. Констатирани се неправилности кај три правни субјекти по однос на Одлуката. Еден трговец на големо, голем правен субјект за што се изречени глоби заради непочитување на Одлуката во вредност од над 452.000 денари и заради неводење на трговска евиденција во вредност од над 200.000 денари. Казнети се и два трговци на мало (голем и мал правен субјект). За големиот правен субјект издадена е глоба во вредност од над 452.000 денари за непочитување на Одлуката, а кај малиот правен субјект изречени се глоби заради непочитување на Одлуката во вредност од над 105.000 денари и по Закон за заштита на потрошувачиуте во вредност од над 76.000 денари.
Надзорите се прават низ цела територија на Северна Македонија. Казните изнесуваат од 800 до 10000 евра во зависност од големината на правниот субјект и се одредуваат во согласност со Законот за трговија.
Апелираме до трговците да ја почитуваат Одлуката и најитно да ги прилагодат цените. Надзорите ќе продолжат и инспекторите ќе бидат на терен се додека трае Одлуката.
Пријава до пазарниот инспекторат може да поднесете на 191 или www.dpi.gov.mk.
Државен пазарен инспекторат
| Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. | ||
| ул. Луј Пастер број.1 спрат 3, 1000 Скопје | ||
| ++389 (0)2 3220 547 | ||
| ++389 (0)2 3162 341 |